Верификуван мандатот на пратеничката Милка Христова од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја информира јавноста во Република Македонија дека на денешната 90-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија беше верификуван мандатот на новата пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Милка Христова која на оваа позиција доаѓа на местото на пратеникот Емил Димитриев кој што беше избран за Претседател на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите.

Милка Христова доаѓа од Општина Делчево односно од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 3. Таа по професија е лекар специјалист по училишна медицина и примариус. Целокупното работно искуство го стекнува како лекар специјалист по училишна медицина во Општина Делчево.

Христова во два мандати ја извршуваше и функцијата Советник од редовите на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Делчево. Во овој момент таа е и актуелен Претседател на Комисија за здравство при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево. Истовремено,  Христова е и член на претседателството на Унијата на жени во Делчево.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изразуваме огромно задоволство што и Општина Делчево и нејзините жители, добија свој претставник во Законодавниот дом кој ќе се бори за остварување на нивните интереси и барања.