Верушевски повеќе од 20 години шпион – Георгиевски поседува материјали против Црвенковски и СДСМ

Од партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО-НП  реагираат на најавите кои се појавија по социјалните мрежи дека во некои од следните „бомби“ на Зоран Заев, ќе се објават телефонски разговори кои се однесуваат на соработката на Георгиевски со функционери од власта.

„ВМРО – Народна партија е згрозена од мизерноста на начинот со кој политичките рекетари од СДСМ веќе по втор пат упатуваат јавна закана до претседателот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски,  дека имаат негови компромитирачки разговори со луѓе од власта.

ВМРО – Народна партија јавно ги повикува челните луѓе од СДСМ што поскоро да ги објават сите разговори што ги имаат од тој карактер.

ВМРО-НП при тоа инсистира само на две работи:

– да се објават буквално сите разговори што г-нот Љубчо Георгиевски во континуитет почнувајќи од 2003 година па се денес,  ги имал со било кои претставници од власта. Ве уверуваме дека ова нема да Ви одземе многу време и простор.

– исто така да се објават и датумите кога се правени овие разговори.

ВМРО-Народна партија во некоја наредна фаза ќе прозбори за документите кои  Зоран Верушевски му ги давал на Љубчо Георгиевски. Тоа се документи и афери кои се целосно против нивниот тогашен лидер Бранко Црвенковски. Но исто така сме спремни и со задоволство да ги  прераскажеме содржините на  голем број телефонски разговори помеѓу високи партиски функционери на СДСМ и новинари, кои Верушевски му ги пуштал на нашиот претседател да ги слуша изворно во неговиот стан во населба Аеродром“, се вели во реакцијата на ВМРО-НП.

Исто така, од партијата посочуваат дека Верушевски повеќе од 20 години прислушува луѓе од власта и од опозицијата и со тоа нивните судбини и професионални кариери ги ставал во заложништво на еден човек или потесна група на луѓе.

„На ваквата крајно недемократска пракса со која се повредуваат основните човекови права на граѓаните,  сметаме дека конечно треба да и се стави крај во Р. Македонија“, велат од ВМРО-НП.