сабота, 3 декември 2016  |  Вести денес: 0

Весникот „Илинден“ повторно во рацете на дијаспората

„Илинден“, единствениот печатен весник на македонски јазик во Албанија почна повторно да се печати, благодарение на финансискста подршка на Македонците од Канада.

images

Поврзани вести

– Благодарение на финансиската помош на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) со седиште во Торонто, Канада, повторно ќе може да го печатиме весникот. Новиот број деновиве ќе се најде во рацете на Македонците низ цела Албанија, но ќе се дистрибуира и во дијаспората низ, секаде каде што живеат Македонци, изјави Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник на весникот.

Ѓурѓај додава дека меѓу Македонците во Торонто наишле на искрени соработници и борци за македонското дело.

– Свесни сме дека, доколку не беше нивната финансиска поддршка, весникот „Илинден“ веќе ќе беше замрен засекогаш. Сакаме да веруваме дека примерот на ММДЧП ќе биде следен од други македонски организации од целиот свет. Финансиската помош ни дава можност и сила и во иднина достоинствено да ја продолжиме праведната борба за македонската национална кауза, нагласува Ѓурѓај.

Првото издание на весникот „Илинден“, кој го издава истоименото македонско друштво, беше испечатено како двоброј за март и април, на 8 февруари 2011 година, но поради финансиски проблеми одрден период не се печатеше.

– Во изминативе пет години весникот предизвика голем интерес кај читателската публика во Република Албанија и меѓу македонската дијаспора ширум светот. Според бројната дописка, која пристигнува на електронската пошта до нашата редакција, како и од другите преписки со читателите, евидентно е дека „Илинден“ прерасна во медиум кој со сериозноста и пристапот во објавувањето на темите е интересен и е од полза за македонското малцинство во Република Албанија, но и за промоција на активностите на македонската дипломатија во правец на подобрување на животот на македонското население вон границите на својата држава, оценува Ѓурѓај.

Според него, досега, мисијата да го одржуваат и поттикнуваат македонскиот идентитет во Република Албанија, преку културен израз целосно ја оствариле.

Најчитани вести