Вест: Матичните лекари најавуваат протест во септември

Матичните лекари најавуваат тричасовен протест во септември, незадоволни од капитацијата што ја добиваат од Фондот за здравствено осигурување, пишува дневниот весник „Вест“.

Планирано е протестот да се состои од тричасовно неиздавање рецепти за лекови и неиздавање упати на пациентите. Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари, вели дека во септември ќе имаат собир на Управниот одбор на Здружението, заедно со сите матични лекари, за да одредат датум кога ќе го реализираат тричасовниот протест.

Лекарите бараат зголемување на капитацијата од 50 на 70 денари и да се воведе партиципација за пациентите. Таа објаснува дека во неколку наврати барале зголемување на капитацијата и дека со законската обврска да им исплатат К-15 на вработените, буквално се доведени на работ на егзистенцијата.

“Кога беше договарана и проектирана капитацијата во 2001 година, немавме обврски кои сега ги имаме. Меѓу најновите, освен задолжително исплаќање К-15, имаме и давачки за осигурување од професионална грешка, а сите реформи со воведување на електронскиот систем паднаа на наш грб. Голем е притисокот од членството да направиме нешто за да го свртиме вниманието на здравствените власти на нашите проблеми. Ретко кој матичен лекар има доволно голем број пациенти со кој може да ги исплати платите и надоместоците на плата и да ги покрие тековните трошоци за работа, и да му останат пари. Повеќето работиме на работ на егзистенцијата и исплаќањето К-15 е големо оптоварување за нас. Зошто не се исплати К-15 и за јавната администрација, не може законот да важи за едни, а за други да не важи”, вели Чолакова-Дервишова.

Фондот за здравствено осигурување вели дека во годинашниот буџет за работа нема планирано средства за зголемување на капитацијата на матичните лекари.

“Кога ќе го добиеме официјалното барање од Здружението на матични лекари, ќе разгледаме за буџетот за следната година дали и колку може да се зголеми капитацијата, во зависност од финансиското оптоварување врз работата на Фондот”, вели ФЗОМ.

Министерството за здравство вели дека годинава размислува да прави законски измени за воведување партиципација за пациентите за преглед кај матичен лекар.