Вестервеле: Срцето на украинскиот народ бие со ритамот на Европа

Масовните антивладини демонстрации во Киев покажуваат дека „срцето на украинскиот народ бие со ритамот на Европа“, изјавил денеска германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, цитиран од „АФП“.

„Демонстрациите се импресивен израз на стремежот на стотици илјади Украинци кон Европа“, додал тој, изразувајќи загриженост за насилството против демонстрантите.

Од своја страна, портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел посочил дека демонстрациите испраќаат јасна порака до властите.

„Се надевам дека претседателот Виктор Јанукович ќе ја слушне пораката“, изјавил портпаролот Штефан Зиберт.

Во моментов во Украина се одржуваат најмасовните демонстрации од Портокаловата револуција во 2004 година.