Вести НОВИ, како ланскиот снег

Новото меѓународно име за нашата земја да биде „Република Горна Македонија“, јазикот да се именува како македонски, а народот како „граѓани на Горна Македонија“ – ова е НОВИОТ предлог што на крајот на октомври во Атина и во Скопје би можел да го соопшти медијаторот Метју Нимиц, дознава „Слободен печат“ од добро упатени извори.

Ова го објави порталот на Бранко Героски, „ПлусИнфо“, на 14 октомври 2014 година, а текстот беше пренесен на „Либертас“, ТВ „Телма“, „НоваТВ“, „Вести 24“…Понатака во текстот беше наведено:

„И грчкиот весник ’Елефтеротипија’, повикувајќи се на ’сигурни извори’ во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, неодамна навести дека Нимиц во наредните недели на Атина и Скопје ќе им претстави нов предлог за можно решение за прашањето за името“.

Неколку денови подоцна грчкиот весник „Нафтемпорики“ објави дека весникот „Слободен Печат“, каде главен уредник е Бранко Героски, е „близок до Социјал-Демократскиот сојуз на Зоран Заев“.

Претходно, порталот „Либертас“ на Ацо Кабранов, каде тој е ортак со Љубомир Фрчковски, а го основаа со пари од Сорос Институцијата на која прв човек е лустрираниот Владимир Милчин, на 12-ти август, годинава, објави дека ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за промена на името на државата во пресрет на самитот во Берлин. Изворите на кои „Либертас“ се повика, за нив биле релевантни и „веќе одлуката била донесена“. Единствено се чекал Самитот во Берлин на 20-ти август и средбата со германската кацеларка Ангела Меркел.

Самитот помина, од тврдењата на „Либертас“ на Ацо Кабранов ништо. Ветер и магла. Објавија обична лага.

За потврда пак, на последниве пишувања за името, демек навистина имало нов предлог, пред неколку денови Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН), „ексклузивно“ објави документи од „новиот“ предлог за решение во спорот што Грција го има со уставното име на Македонија.

Нема никаков сомнеж. Станува збор за чиста пропаганда и извртување на информациите за одредени цели и интереси. Поточно пласирање лаги во јавноста и тоа против својата сопствена држава. Нов предлог нема. Лага е дека има. Тоа го кажа и Нимиц. Ете го кредибилитетот на нивните медиуми.

Како и многупати досега, се докажа дека секогаш на истиве овие медиуми и новинари, најголем дел финансирани од Сорос Фондацијата во Македонија, еден момент им е многу важен при лиферувањето на овие шпекулации и смутови. Важно им е секогаш Македонија да биде поставена во подредена улога, а Грција во надредена. Секогаш да се одработи за другиот, за туѓите бели дворови.

Откако се откри лагата, вчера Героски, во бид да се испере на својот „Фејсбук“ профил напиша:

„Кога пред околу еден месец известив (предупредив) за постоење на неформален предлог ’Република Горна Македонија’, со формулата ’граѓани на Република Горна Македонија’ во графата ’националност’, се убија од пишување дека ТАКОВ ПРЕДЛОГ НЕМА.

Грчките весници тогаш наголемо пишуваа дека во следната рунда преговори ќе се разговара за конкретни предлози. Виенски ’Стандард’ ги потврди моите пишувања“…

Лажеш Героски, многу лажеш. И извртуваш. Пред еден месец ти напиша дека има нов предлог, а не дека си известил (предупредил) за постоење на неформален предлог. Тој „нов“ предлог всушност е од лани. Значи е нов колку и ланскиот снег. А, сега тврдиш дека „постоел неформален предлог“. Се вадиш. Спинуваш за да се спасиш од мрежата лаги во кои се вплетка, а во која се вмешани и твоите пајташи Ацо Кабранов, Борјан Јовановски, и нивните медиуми, но и останатите соросоиди.

Нимиц едноставно ве тресна од земја, сите заедно.