Македонија,Економија

Ветерниците во Богданци произведоа над 7 милиони киловат-часови струја

Ветерниците во Богданци произведоа над 7 милиони киловат-часови струја

 

Првиот парк на ветерни електрани „Богданци” за педесетина дена откако почна со пробно производство на електрична енергија испорачал над 7 милиони киловат-часови или 7,1 гигават-часови струја во електроенергетскиот систем на Република Македонија. Како што информираат од Електрани на Македонија во моментов се тестираат пропишаните перформанси на турбините и на останатите компоненти од опремата, што ќе трае до јуни по што новиот енергетски капацитет ќе биде ставен во редовно производство.

Кон крајот на март беше спроведена координирана операција на трите енергетски компании ЕЛЕМ, МЕПСО И ЕВН-Македонија за приклучување на ветерниот парк на електропреносната мрежа преку трафостаницата во Валандово и со тој зафат практично и се создадоа потребните предуслови да почне тестирањето на комплетната опрема преку пробно производство на електрична енергија.

Подигнувањето и монтажата на сите 16 ветерници на локацијата Ранавец кај Богданци заврши на 20 февруари годинава со што и официјално е заокружена најтешката фаза од изградбата која траеше 76 дена.

Од енергетската компанија укажуваат дека согласно планот на активности пробната работа што како период е пропишан од производителот на опремата ќе трае до јуни по што новиот енергетски капацитет ќе биде ставен на располагање на електроенергетскиот систем на Република Македонија, односно ќе влезе во редовно производство.

Овој прв ветропарк во земјава се градеше интензивно при што последната фаза беше реализирана со околу 200 работници ангажирани во три смени. За време на монтажата на ветерниците се одвиваше и транспортот на ветерниците од солунското пристаниште. За пренос на деловите за само една ветерница беа потребни десетина огромни камиони со вкупен товар од 330 тони. Бетонирањето на темелите за сите 16 ветерници започна на 6 ноември минатата година, а заврши на 23 јануари годинава. За таа намена беа употребени 5.600 кубици бетон, а вградени се вкупно 640 тони арматура. Висината на столбот на секоја ветерница е 84 метри.

Турбините се производство на „Сименс“ – Данска и се вбројуваат меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2.3 мегавати, висината на столбот изнесува 80 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри.

„ПВЕ-Богданци” се очекува да испорачуваат најмалку 100 гигават-часови природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на преку 60.000 граѓани на Република Македонија, или еден поголем град како Прилеп, Куманово, Тетово или Гостивар. Истовремено тие ќе ја зголемат инсталирана моќност за 36 ,8 мегавати.

Изградбата на ветропаркот на локацијата Ранавец стартуваше во мај лани. Проект е вреден 55.5 милиони евра, а заемот од Владата на Сојузна Република Германија преку КФВ банката изнесува 47.9 милиони евра, додека 7.6 милиони евра веќе обезбеди ЕЛЕМ од сопствени средства. 

Со стартот и производството на струја од ветер во Македонија значително се зголеми производството на енергија од обновливи извори, кое до 2020 година треба да достигне 20 отстоод вкупното производство.