Ветерниот парк ќе испорачува најмалку 100 гигават часови енергија

Првиот Ветерен парк во Македонија што ЕЛЕМ го гради во Богданци се очекува да испорачува најмалку 100 гигават часови природно одржлива енергија на годишно ниво, што е доволно да се обезбеди снабдување на над 60 илјади граѓани или како еден поголем град во државата.

Подигањето и монтажата на 16 ветерни турбини заврши на 20 февруари, вчера заврши поврзувањето со електропреносната мрежа на МЕПСО, а денеска увид на местото извршија вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски и генералниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски.

Ветерниот парк, како што истакна Пешевски е со инсталирана моќност од околу 37 мегавати со што ќе се добива нова количина енерегија произведена во Македонија од околу 100 киловат часови годишно или споредбено со нивото на една посериозна хидроцентрала како што е Тиквеш.

„Очекуваме во наредните два до три месеци Ветерниот парк да биде ставен во функција со што ќе протечат и првите киловат часови електрична енергија произведена со ветер,“ рече Пешевски.

Вредноста на проектот е над 56 милиони евра од кои околу 80 отсто се обезбедени од германската КФВ Банка.

„Изградбата на Ветерниот парк е еден од проектите за искористување на сончевата енергија во Република Македонија, нешто што ќе претставува и туристичка атракција,“ рече Пешевски нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со реализација на вакви проекти.

Директорот на ЕЛЕМ, Бошковски информира дека од вчера почнал тест периодот и приклучувањето на ветерниците на ниско, средно и високонапонската мрежа, односно дека за два-три месеци ќе може да се вклучат во електроенергетскиот систем.

„На овој начин ќе го зголемиме учеството на обновливи извори на енергија во вкупното производство на енергетска енергија во Република Македонија,“ рече Бошковски.

Проектот за изградба на ветерни електрани во месноста Ранавец во близина на Богданци почна лани во мај.