Македонија

Вевчани подготвено за традиционалниот карневал

Вевчани подготвено за традиционалниот карневал

Вевчани се подготвува за традиционалниот карневал за доаѓањето на Новата година според стариот календар,  кој со богата програма ќе трае од 9-ти до 14 јануари, објави МИА.

Ви тие денови ќе има промоции, перформанси, настап на КУД „Дримкол“ и концерти на музички групи, а централен настан е традиционалната карневалска поворка која ќе заврши со палење на маските на 14 јануари, кога завршува и Вевчанскиот карневал.

Главната музичка програма ќе се одржи на 12-ти и 13 јануари. На 12 јануари ќе настапи македонскиот бенд „Суперхикс“, а од регионот ѕвезда на годинашната манифестација е хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“, кој во Вевчани ќе ги отпее своите најпознати хитови од 18 студиски изданија.

Музичката програма на 13 јануари ќе ја предводи етногрупата „Љубојна“ со  Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски, а гостите на Вевчански карневал таа вечер ќе ги забавува и фолк-пејачката Елена Велевска.  Старата нова година – Василица ќе биде пречекана со голем огномет.

Вевчанскиот е меѓу најпознатите карневали на Балканот кој се негува повеќе од 1400 години. Во деновите кога се слави доаѓањето на Старата нова година, Вевчани се претвора во голема отворена сцена, а настанот  секоја година дневно го посетуваат повеќе од 50.000 гости од Македонија и од странство.

фото: Нова Македонија