Вежба за спасување „Вардар 2015“ се одржа во Аеродром

Вежба за справување со поплави се одржа денеска на кејот на Вардар покрај мостот „Тодор Александров“.

Оваа вежба е во рамките на Програмата на Европската комисија за цивилна заштита и хуманитарна помош, а во организација на Градот Скопје, кој е партнер на европскиот проект за зајакнување на локалните капацитети за справување со поплави „АХЕЛУС“.

vardar2

Со вежбата „Вардар 2015“ раководеше Штабот за заштита и спасување на Градот Скопје, а во истата учествуваа сите јавни претпријатија во надлежност на Град Скопје (ЈП „Водовод и канализација“, ЈП „Комунална хигиена“, ЈП „Улици и патишта“, ЈП „Паркови и зеленило“, ЈП „Градски паркинг“, „Јавно сообраќајно претпријатие – Скопје“ – Скопје), Противпожарната бригада на Градот Скопје, Сектор за посебни единици на МВР, СВР Скопје, Регионален центар на Центарот за управување со кризи, Пoдрачна единица на Дирекцијата за заштита и спасување, Управа за хидрометеоролошки работи, ЕЛЕМ, ЕВН, Црвен крст на град Скопје, Служба на итна медицинска помош на подрачјето на Градот Скопје, АРМ, како и претставници од тела од повеќе општини од Скопскиот плански регион низ кои поминува реката Вардар. На вежбата, во својство на набљудувачи присуствуваа и претставници на партнерите во проектот од Италија, Хрватска, Грција, Унгарија, Романија и од Бугарија.

Во рамките на оваа вежба беа ангажирани 185 лица од градските служби и од институциите, 50 волонтери/студенти на Факултетот за безбедност-Скопје и Институтот за безбедност, мир и развој од Скопје. Дополнително, како механизација беа користени 8 специјални возила од различен тип, 3 речни чамци за спасување, 1 моторна пумпа, 4 амбулантни возила, 3 полициски возила и 1 хеликоптер.

На вежбата „Вардар 2015″ присуствуваше Секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски, кој на учесниците во вежбата им пожела успешно и безбедно да ги извршат предвидените задачи.

– Кога зборуваме за поплавите сакам да потсетам дека Градот Скопје во својата долга историја се соочувал со голем број природни катастрофи, меѓу кои и поплави како што беа големите поплави во 1962 година и во 1979 година. Ние луѓето не можеме да влијаеме на појавата на природни катастрофи, но затоа можеме да ги  намалиме штетите и да ги заштитиме  загрозените граѓани и нивните имоти. За таа цел треба постојано да вложуваме напори за надградување на знаењето и на вештините на припадниците на професионалните служби и на граѓаните. Предвидените активности на проектот „АХЕЛУС“ се насочени кон зајакнување на капацитетите на човечките ресурси, па оттаму очекувам дека значително ќе се придонесе за поуспешно справување со можни идни поплави во градот Скопје и во скопскиот регион, кажа Тодоровски.

Во проектот „АХЕЛУС“, кој се реализира од јануари 2014 година до декември 2015 година, покрај Градот Скопје учествуваат пет општини, два универзитети и една невладина организација од земји членки на Европската Унија. Основна цел на проектот е зајакнување на локалните капацитети за справување со поплави, проверка и подготовка на професионалните служби и граѓаните за дејствување во вонредни околности, размена на искуства со партнерите во проектот и градење на добри практики во можни случаи на идни поплави предизвикани од излевање на реката Вардар.