Вицепремиерот Бесими во посета на Германија

Заменик – претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања ,Фатмир Бесими престојува во еднодневна посета на Германија.

При посетата, Бесими се сретнал со државниот секретар во Министерството за надворешни работи Маркус Едерер и со висок претставник на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, заменик генералниот директор во Генералниот директорат за европска политика, Франц Нејдер, како и со специјалниот претставник за Југоисточна Европа Ернст Рајхел.

Вицепремиерот Бесими и државниот секретар Едерер ги поздравиле добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија и изразиле целосна посветеност кон нивно натамошно продлабочување на секое ниво од заемен интерес.

Соговорниците, како што се наведува во соопштението, се осврнале на последните заклучоци на Советот на ЕУ за Македонија, повторувајќи ја загриженоста за актуелните политички случувања во Македонија и потенцирајќи ја потребата од изнаоѓање на брзо оддржливо политичко, правно и институционално решение, почитувајќи ги принципите на владеењето на правото и правните механизми на располагање, вклучително и утврдување на одговорноста. Тие исто така ја истакнаа германската поддршка на политичките преговори кои што се одвиваат со поддршка на претставници на европскиот парламент.

Тема на состанокот беа и меѓуетничките односи и безбедносната состојба во земјата со акцент дека Европската Унија е заинтересирана за стабилен регион.

На средбата било разговарано и за резултатите од последниот состанок на премиерите на земјите од Западен Балкан во Брисел, на кој е утврдена главната транспортна инфраструктурна мрежа како основа за подобрување на поврзаноста помеѓу земјите на Западен Балкан и како предуслов за привлекување на странски инврститори и забрзан економски развој.

Република Македонија, како што се посочува, останува целосно посветена на продлабочување на регионалната соработка и максимално активно ќе учествува во овој значаен процес.