Вицешампионот на Полска падна, на ред е шампионот Кјелце

Ждрепката која претпладнево беше одржана во Виена, сакаше нашиот преставник во 1/4 финалето од Лигата на шампионите, Вардар повторно да се судри со полски тим – овојпат Кјелце.

Откако во 1/8 финалето беше елиминиран вицешампионот на оваа земја, Висла Плок, за евентуален пласман на “фајнл фор” Вардар ќе мора да помине и преку шампионот Кјелце.

Тоа всушност беше и најпосакуваниот тим како противник, со оглед дека изборот на можни противници беше страшен – Кил, Веспрем, Барселона и Кјелце.

rakomet

Кјелце во 1/8 финалето успеа да го елиминира францускиот преставник Монпелје, но со многу мака. Иако на првиот дуел славеа на гости со 25:29, сепак на домашен терен беа поразени со 31:33, што го прави и единствениот тим помеѓу носителите на денешната ждрепка кој претрпе пораз на еден од натпреварите во 1/8 финалето.

Интересно е дека овој натпревар ќе биде и дуел помеѓу таткото Талант Душебаев, кој го предводи Кјелце и синот Алекс Душебаев, леворакиот бек на Вардар кој буквално ја “растури” Висла.

Да се надеваме дека следниот “семеен” двобој ќе биде помеѓу браќата Филип и Кире Лазаров, на “фајнл фор” турнирот во Келн.