Трансферот на Видал во Баерн Минхен е речиси готов

Трансферот на Артуро Видал во шампионот на Баерн Минхен е пред реализација
Артуро Видал пред трансфер во Баерн Минхен

По трансферот на Рахим Стерлинг во Манчестер Сити, на повидок е нова „трансфер бомба“. Според италијанските медиуми, трансферот на еден од најдобрите играчи на Јувентус, Артуро Видал во Баерн Минхен, шампионот на Бундеслигата е пред реализација.

Чилеанецот ќе премине кај „баварците“ за сума од 40 милиони евра, а ќе заработува по 6,5 милиони евра по сезона во следните четири години.

Ова е експресна реакција на раководството на Баерн по заминувањето на Швајнштајгер, бидејќи успеаа да реализираат трансфер кој ќе го засили и онака моќниот тим кој тренерот Пепе Гвардиола го има на располагање.

Директорот на Јувентус, Бепе Марота се обиде во целиот трансфер да го вклучи и Марио Геце, кој се споменуваше како голема желба на „старата дама”, но Минхен не беше заинтересиран за трампа.

Јувентус и понатаму во потрага по класична 10-ка по заминувањето на Видал во Баерн Минхен

По заминувањето на Карлос Тевез, Андреа Пирло, а сега и Артуро Видал, костурот на Јувентус кој е најзаслужен за неколку последователни титули во Серија А и кој годинава стигна и до финалето во Лигата на шампионите, сериозно е разнишан.

Иако до сега беа доведени Марио Манџукиќ, Пауло Дибала и Сами Кедира, сепак заминувањето на главните фудбалери ќе се почувствува сериозно, особено во средниот ред.

Токму затоа, директорот на Јувентус, Бепе Марота на барање на тренерот Масимилијано Алегри е во интензивна потрага по класичен плејмејкер, или т.н. „10-ка“.

Оскар, Иско, Јоветиќ беа имињата кои се поврзуваа со „старата дама“, но барем засега нема ништо од овие трансфери.

Јувентус и понатаму во потрага по класична 10-ка по заминувањето на Видал во Баерн Минхен
Јувентус и понатаму во потрага по класична 10-ка

Сепак, покрај Марио Геце, за кого во Баерн нема никакво расположение да биде продаден, последен играч за врска кој е споменуван како трансфер цел на Јувентус е фудбалерот на Арсенал, Месут Озил.

Откако Санти Казорла и Микел Артета најавија дека нема да го напуштат тимот од Лондон, а Арон Ремзи и Џек Вилшер имаат статус на недопирливи во средниот ред на Арсен Венгер, се чини дека Озил ќе нема преголема минутажа во сезоната што следува.

Причина плус е што германскиот репрезентативец не успеа во целост да ги оправда парите кои раководството на Арсенал ги потроши за да го доведе од Реал Мадрид, па така воопшто нема да биде изненадување доколку токму Озил е решението на проблемите во средниот ред на Јувентус.

Сепак летниот трансфер период е долг, па останува да видиме како Марота и Алегри ќе ја пополнат празнината во средината на тимот, особено по заминувањето на Видал во Баерн Минхен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.