Видео: 30 сантиметри снег во Бугарија

Снежен хаос во централните делови на Бугарија. Првиот снег годинава ги затрупа сообраќајниците и без струја остави десетици илјади луѓе. Најлошо поминаа жителите на Габрово и Тарново, каде има и до 30 сантиметри снег.

На некои места се активира и лизгање на земјиштето, заради што е прогласена вонредна состојба.

Истокот на Бугарија, пак, го поплавија обилни дождови. Во градот Бургас, на брегот на Црното Море, денеска е укината вонредната состојба, но вчера надојдената вода однесе еден живот. Брачен пар го напуштил возилото заради поплавениот пат. Надојдената вода ги раздвоила, а жената подоцна била пронајдена мртва.

Дождот во Бугарија вчера паѓаше толку обилно што само за неколку часа предизвика огромни поплави. „Можевме само да гледаме што се случува. Ништо не стигнавме да направиме. Ништо, ништо“, велат жители на Хасково.

Три резервоари на браната кај Бургас се наполнија до максимум заради што десетици жители во непосредна близина беа евакуирани.

„Браната може да биде пробиена секој момент. Најлошо е што под неа лежи нафтовод, па ни се заканува и еколошка катастрофа“, вели Димитар Николов, градоначалник на Бургас.

Сепак, од денеска се очекува постепено смирување на времето. Бугарија веќе неколкупати се бори со поплави и огромно невреме годинава, кои нанесоа големи штети и на економијата и на туристичката сезона во земјата.