ВИДЕО: Акција „Тера“: Земале субвенции за животни кои ги немале

Околу 3,5 милиони денари е штетата врз државниот буџет што ја предизвикала групата приведена во полициската акција „Тера“. Според полиција, штетата ја направиле така што сточарите се пријавувале поголем број на стока отколку што навистина имале, ветеринарите им давале лажни потврди, а вработените во надлежните служби за контрола не се потрудиле да проверат на терен.

Првоосомничени во случајот се двајца сточари од скопското село Блаце, А.Ш. (71) и Б.Ш. (38). Тие, според полицијата, од 2008 до 2010 година при аплицирањето за субвенции за сточен добиток до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој давале лажни податоци за тоа колку грла добиток навистина поседуваат. Во ова им помагале Д.А. (45) од Скопје, одговорно лице од Ветеринарната болница Скопје, државниот инспектор за земјоделство вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Н.Б. (49) од Скопје, потоа Б.Р. (51), вработен во Подрачната единица – Чаир на МЗШВ, Т.К. (45) од Скопје, раководител во секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните при Агенцијата за храна и ветеринарство и З.Д. (37) од Скопје управител во Вет Медика ЗиА во општина Јагуновце.

Полицијата ноќеска успеа да приведе шестмина од осомничените, додека еден од сточарите е недостапен за полицијата. Сите приведени денеска ќе бидат изведени пред Јавен обвинител.