ВИДЕО: Буба-комбито се враќа на голема врата, како најмоќно електрично возило

Некогаш светски популарното буба-комби на германскиот автопроизводител „Фолксваген“ се враќа на голема врата на пазарот и тоа како електрично возило.

Херберт Дис, првиот човек на германскиот автомобилски концерн, објавил дека возилото ќе искочи на пазарот во 2022 година, под името „VW ID Buzz Microbus“.

На почетокот на годинава, на меѓународниот саем за автомобили во Детроит, САД, за прв пат беше претставено ова возило на „Фолксваген“, и тоа само како прототип. Основа за неговиот дизајн е популарното буба-комби. Но, реакциите биле толку позитивни што германскиот производител одлучил да отпочне со производство на новиот модел. Плановите се дека до 2025 година годишно ќе бидат продавани околу еден милион од овој модел на возило.

Новиот модел на комбито има осум седишта, погон на задните тркала, јачина од 286 коњски сили, а крајната брзина ќе му биде ограничена на 180 километри на час. Тркалата, пак, ќе му бидат со големина од 22 инчи, а од 0 до 100 километри на час ќе му бидат потребни само 5 секунди. Исто така опремено е и со автопилот, а наместо странични ретровизори, монтирани му се камери. Исто така, целосно е опремено со сензори. Возачот ќе може да го контролира возилото преку голем ЛЕД таблет на контролната табла, кој функционира на допир. „Фолксваген“ тврди дека со едно полнење на батериите комбито ќе може да мине 600 километри, а ќе му бидат потребни само 30 минути батериите од нула да се наполнат до 80 отсто. Ова е исклучително важно за електричните автомобили, и засега овие параметри на „Фолксваген“ се водечки во светот во секторот на електрични возила.

Литиум-јонските батерии се поставени на подот, а воедно тие служат и за балансирање на возилото. Суспензијата му е целосно воздушна, што возењето го прави исклучително пријатно.

Засега нема информации за цената колку би чинело ова најново чудо на „Фолксваген“.