ВИДЕО: Цветковски распали по Дамјановски со обвинувања за криминал

По вчерашната прес конференција на Виктор Цветковски одржана пред Основен Суд – Куманово, секретарот на ГРОМ, денес од партиските простории во Куманово уште еднаш се обрати до јавноста, навраќајќи се на изјавите дадени вчера, а во врска со презентираните разговори од страна на ОО на СДСМ Куманово.

Политичката ситуација која ја наметна СДСМ предизвика голем немир кај граѓаните, и како поминува времето, така сите почнуваме да се запрашуваме која е вистината која ја објавува СДСМ, истакна Цветковски на денешниот прес, посочувајќи го името на градоначалникот на Куманово како лице да одговори зошто е користена фразата дека Цветковски сее магла и ги замајува граѓаните на Куманово:

– Господине Дамјановски, велите дека никогаш нема да зборувате за чукче и оревче, и дека никогаш непринципиелно не сте побарале поддршка од мене. Каде е вашата принципиелност? Што одмрзнувавте и замрзнувавте, што двапати ме исклучивте од СДСМ, а за неполни два месеци, двапати баравте поддршка од мене, притоа заборавајќи ги сите погрдни зборови упатени кон мене од вашите кумчиња и кумашинчиња. Тоа ли е за вас принципиелно, праша Цветковски.

Тоа што е принципиелно за Цветковски би било обелоденување од страна на Дамјановски за тоа кој работел за него во вториот круг и зошто Цветковски се спротиставил на кандидатурата на Дамјановски.

– Вие го суспендиравте Општинскиот изборен штаб, а се затворавте во малата канцеларија на СДСМ, со тројца луѓе, а ги знаеме и кои се. Тоа и граѓаните го знаат, оние исти кои се` уште ги враќаат долговите кои вие ги направивте во тоа време, вели Цветковски.

Кога Дамјановски зборува за фамилијарните врски, најверојатно тука мисли на старосватот на Дамјановски, инаку претседател на ОО на СДСМ,  вработен во општината, обвини Цветрковски:

– Најверојатно Дамјановски мисли на  мајка на старосватот вработена во ЈП Пазариште, на братучедите вработени како шефови во ЈП Чистота и зеленило, на снаата вработена како шефица во ЈП Водовод, на кумчињата и кумашинчињата или уште сакате да набројувам, додава Цветковски.

Лакомоста на Дамјановски според секретарот на ГРОМ се огледа во трите последователни мандати за градоначалник на Куманово, притоа обвинувајќи за наклонетост на градоначалникот кон криминални делувања и задоволување на  егоистични побуди.

– Вашата вистина ќе излезе на виделина преку институциите на правдата и еднаш засекогаш ќе се побара ваша одговорност, вели Цветковски.

Видео: Кумановски муабети

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.