Видео: Дрон-ајкула

Доколку се плашите од ајкули и сте параноични од окото на дронот, тогаш најголем кошмар за вас е токму оваа направа. Имено, американската морнарица го тестирала своето најново тајно оружје – “Ghost Swimmer”, дрон кој изгледа и плива како ајкула.

Новата играчка на американската морнарица е развиена во склоп на проектот “Silent NEMO”, кој има за цел да ги истражи сите можни користи на подводните дронови. Тежок е околу 45 килограми и долг околу метар и половина, со што повеќе е сличен на туна отколку на ајкула, пренесува sfgate.com.

“Ghost Swimmer” може да нурка на длабочина и до 100 метри, стои во соопштението на американската морнарица. Последните неколку седмици тој дрон собирал податоци за плимата и осеката, морските струи и временските услови покрај базата “Little Creek Fort Story” на Вирџинија Бич.

“Ghost Swimeer ќе ѝ овозможи на морнарицата да има успех во повеќе типови на мисии, додека истовремено нашите нуркачи и морнари ќе бидат сигурни”, истакнал Мајкл Руфо, директор на компанијата “Boston Engineering Advanced Sysstems Group”, која го создала тој подводен дрон.

Но, “Ghost Swimmer” не е единствениот подводен уред кој Пентагон сака да го претвори во морско животно за да постигне максимален ефект во криењето од непријателот. Вашингтон експериментира и со дронови кои ќе се движат како јагули.