Видео: Дрпљанин екстрадиран, еве за што се треба да лежи затвор

Конечно заврши долгата постапка за екстрадиција на 35 годишниот, Алмир Дрпљанин, еден од најбруталните убијци и криминалци во Македонија. Министерството за внатрешни работи, во соработка со косовската полиција, вчера попладне го направи спроведувањето на Дрпљанин до штипскиот затвор, каде тој треба да одлежи бројни затворски казни, меѓу кои и доживотни.

Постапката за екстрадиција започна летото во 2012 година, кога Дрпљанин беше уапсен во Урошевац, а во станот во кој престојувал бил пронајден поголем арсенал оружје, како автоматски пушки, пиштоли, снајпер, панцири и униформи. Во станот било пронајдено и поголемо количество злато, за кое се верува дека е од повеќе вооружени грабежи во Скопје и Тетово.

За Дрпљанин беа распишани неколку меѓународни потерници, како и бројни национални потраги за сторени тешки кривични дела.

Во мај 2010 година, Дрпљанин беше осуден на доживотен затвор за напад врз патролата на припадниците на мобилната „Алфа“ единица кај Природно математичкиот факултет. Настанот се случи во ноември 2008 година и во него беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги кои за влакно ја избегнаа смртта, но останаа тешки инвалиди.

На казна затвор во времетраење од 15 години е осуден и за разбојништвото извршено врз комбето на Македонски пошти во населбата Чаир, кога беа украдени 900.000 евра. Дрпљанин беше осомничен за уште едно разбојништво во Скопје, во кое беа украдени над 4 милиони денари и за грабеж во тетовска златарница, од каде што беше однесено злато вредно стотина илјади евра.

Со пресуда на Основниот суд Скопје на 13.10.2005 година на Дрпљанин му е изречена затворска казна од 1 година и 4 месеци и условно за 5 години за сторено кривично дело тешка кражба. Истиот суд со пресуда од 25.09.2007 година го казни со затвор од 1 година и 6 месеци и условно за 3 години за сторено кривично дело тешка кражба. Една година подоцна, односно на 03.01.2008, Дрпљанин повторно е казнет со затвор од 1 година за сторено кривично дело тешка кражба. На 05.11.2010 добива уште една затворска казна од 2 години за сторено кривично дело тешка кражба.

Постојат сериозни индиции и дека Алмир Дрпљанин бил инволвиран и во други тешки кривични дела извршени на територијата на Република Македонија за кои до овој момент не му е поднесена кривична пријава. Со оглед на фактот што голем дел од нив не застаруваат, по неговата екстрадиција, Дрпљанин ќе биде предмет на дополнителна истрага.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.