ВИДЕО: Дваесет и една година од смртта на сараевските Ромео и Јулија

На овој ден пред точно 21 година биле убиени Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ, пишува Ал џезира.

Тие станаа симбол на љубовта, но и свирепоста на војната. Адмира и Бошко биле убиени додека се обидувале да избегаат од опколеното Сараево, пренесува Индекс.

Заљубениот пар сакал да најде место на кое нивната љубов нема да биде гледана како предавство на сопствениот народ. „Незамисливата“ љубов на Србинот и Бошњачката од Сараево завршила трагично на 18 мај 1993 година.

b

Верувајќи дека е на сила прекин на огнот околу 17 часот тргнале да избегаат од градот, но стигнале до мостот Врбања кога снајперист го погодил Бошко и го убил на место. Вториот куршум ја погодил Адмира која доползела до својот сакан, го прегрнала и умрела.

Осум дена никој не ги тргнал нивните тела бидејќи се наоѓале на „ничија земја“. На крајот Војската на РС ги погребала на гробиштата во Лукавица, а родителите на Адмира по војната ги префрлиле нивните тела во Сараево.

Адмира и Бошко се погребени еден покрај друг на сараевските гробишта Лав.