(Видео) Џафери не може да го замени потписот на Иванов

Без потпис на претседателот Ѓорге Иванов  Законот за јазици е мртвородено чедо и не може да влезе на сила, изјави докторот по правни науки и професор, Димитар Апасиев вчера во емисијата „Топ Тема“ .

Според него, не е спорно дека претседателот Ѓорѓе Иванов го прекршил Уставот со непотпишувањето на Законот за јазиците, но тоа го направил за една повисока цел.

-Џафери пет пати го прекрши Уставот и деловник, логично е потоа и Иванов да го прекрши еднаш со непотпишувањето. Кога вие силеџиски ќе прекршите и Устав и деловник и без расправа и разгледување на амандманите, што очекувате? Не спориме дека Иванов го прекрши Уставот со непотпишувањето на Законот, но тоа тој го направи свесно за една повисока цел, интересот на граѓаните- рече Апасиев.

Според него, ова е уставна празнина во нашиот систем што досега е користена во два наврата. Оттука, има уставен обичај и прецедентно право и третпат да се искористи. Доносителите на законот го знаеле тоа, но упорно и силеџиски, преку прекршување на сите одредби кои се однесуваат на нормално, односно деловничко носење закон, го донесоа на мускули.

-Таков пример имавме во 2001 година кога Борис Трајковски одби да го потпише законот за привелегии на пратениците. Не постои пример во досегашната историја закон да влезе во сила без потпис на претседателот. И да го објават тој нема да биде закон и законот ваков каков што е ќе падне во заборав. Талат Џафери не може да го замени потписот на ИваноИванов има обврска дека треба да го потпише законот, но потенцираше дека нема рок до кога треба да се направи тоа што значи дека тоа може да трае до недоглед- рече Апасиев.

Анализата на Апасиев покажала дека од 25 члена, кои ги има во законот, прекршување има во 17-18 уставни елементи, што, според него, покажува дека законот е пишуван од прилично слаби правници кои ги измешале термините што не може да се мешаат во закон. Освен материјата, по гласањето, спорно е и тоа што не се расправаше по амандманите и, како што вели Апасиев, донесен е на силеџиски начин.

-Како пример, според нашиот Устав не можете да регулирате судска постапка со закон што ќе биде донесен со помалку од 80 пратеници плус еден. Не можете без двотретинско мнозинство да регулирате судска постапка. Во овој случај се регулираат судски постапки со 64 гласа. Тоа е невозможно право и е противуставно- вели Апасиев.