ВИДЕО: Ердоган се всели во палата со илјада соби

 

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се вселил во палата која се наоѓа на периферијата на Анкара, чини 350 милиони долари и има илјада соби, пишува Вашингтон пост.

Палатата се протега на површина од 200 илјади метри квадратни, и е изградена во заштитената природна област Бештепе, поради што се бунеле и еколозите.

Сепак, најзагрижена е опозицијата, па Републиканската народна партија, која ја основал Ататурк, тврди дека Ердоган со вселувањето во палатата го забрзува преминот кон претседателски систем на власт.

Иако политичкиот систем во Турција и понатаму официјално е парламентарен, од годинешната победа на Ердоган на претседателските избори сѐ поочигледно е дека од сега за сѐ ќе се прашува претседателот.

Верскиот конзервативец Ердоган со преминувањето во Белата палата зад себе го остава секуларното наследство на Ататурк со заминувањето од вилата Чанкаја, која била дом на 12 турски претседатели.

Ердоган во неколку наврати најавуваше дека доаѓа времето на „нова Турција“, па и преселбата би можела да биде дел од тој проект.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.