ВИДЕО: Еве како изгледа првиот камион произведен во Македонија

Велешката компанија „Брако“ започна со производство на камиони за вакумско чистење на градските улици.

Овој камион е резултат на заедничкото партнерство на „Брако“ со италијанската компанија „Биострада“. Механичкиот уличен чистач е специјално еколошко возило, чие производство, од составните делови па се до склопувањето, се одвива во погоните на „Брако“. Ова е првпат во Македонија да се произведуваат камиони.

Првите камиони ќе завршат на пазарите во Катар и Италија. Возилото има висок капацитет со можност да исчисти над 70.000 м2 на час и обезбедува напредни еколошки перформанси. Користи вакумски систем за собирање на отпадот базиран на метли што ја собираат и ја насочуваат нечистотијата кон централниот дел на машината.

Целосното сузбивање на правот е постигнато прекусистемот за собирање и дополнително со притисокот внатре во контејнерот, генериран од турбина за вшмукување. На овој начин се постигнува максимален ефект во чистењето, а со бројните филтри поставени на патеката на движење на отпадот и внатре во контејнерот, се филтрира воздухот пред да биде испуштен.