(ВИДЕО/ФОТО) Акција Аполон: Македонци и Бугарин ископувале артефакти на македонски локалитети

Криминална група од осум диви копачи од археолошки локалитети на територијата на Валандовско-Гевгелискиот регион и на други локации на територијата на Македонија  нелегално ископувала и препродава предмети со културно-историска и археолошка вредност.

Како што информираше Министерката за внатрешни работи на денешната пресконференција,приведени се осум лица на возраст од 46 до 63 години, од кои едно е бугарски државјанин, кои од почетокот на 2013 година вршеле нелегални ископувања на предмети со културно-историска и археолошка вредност, нивно присвојување и илегално продавање во Р.Македонија и странство, како и продажба на икони со непроценлива вредност за културното наследство на Р.Македонија.

vnaapolon1

Таа појасни дека  првоосомничениот на почетокот на 2013 година, создал криминална група која делувала како функционална целина со структуирана поделба на дејствија за секој припадник со остварување на точно определена цел и улога. Преку илегалните ископувања, притоа оштетувајќи и уништувајќи ги археолошките локалитети, присвојувале предмети кои претставуваат културно наследство на Македонија со намера за нивно продавање во државата или нивно илегално изнесување во странство, со што трајно го отуѓувале културното наследство и нанеле штета на Македонија и на нејзиното културно наследство. Покрај археолошки и историски предмети, членовите на криминалната група нуделе на продажба и икони за кои постојат основани сомневања дека потекнуваат од извршените кражби од повеќе цркви на македонска територија.

apolon4

Во текот на вчерашниот ден и вечерта извршени се претрес на дом и други простории на седум  локации во Гевгелија и на по една ликација во Струмица и Валандово, при што пронајдени се: две  икони, девет различни археолошки фигури, три  фибули, шест  парчиња-делови од накит, 17 метални парички, два  керамички сада, еден  скенер со мала и голема сонда со камера, метал детектор, 10 разни метални сонди, три  тефтери со записи и скици од археолошки локации, 34 листови со записи и скици од археолошки локации, мапи, но и големо количество на оружје

Предметите пронајдени при претресите, ќе бидат предадени за понатамошно вештачење и стручна идентификација, а од страна на надлежните организациони единици на МВР во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе се продолжи со понатамошно превземање мерки и активности.

Акција  Аполон е продолжение на двете одделни акции Фаланга 1 и Фаланга 2 во кои се опфатени 37 лица обвинети за повеќе кривични дела поврзани со ископување, откуп и препродажба на историски артефакти. Над 70 години затвор е вкупната казна за 22-цата  обвинети лица во случајот за противзакoнско ископување и тргување со артефакти во случајот Фаланга 1, додека судскиот процес за  Фаланга 2 сè уште е во тек.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.