(ВИДЕО + ФОТО) Најмалку 23 мртви во пожар во Јужна Кореја

Во пожарот кој зафатил осумкатен фитнес центар во јужнокорејскиот град Чечхон загинале најмалку 23 лица, повеќето додека биле во сауна, соопшти за медиумите началникот на локалната противпожарна станица.

Огнот избувнал во паркирано возило пред фитнес центарот и набрзо се проширил на зградата.

„Досега пронајдовме 23 мртви и 10 повредени, но спасувачката акција сѐ уште трае и можно е да најдеме уште жртви или повредени лица“, додал началникот.

Повеќето настрадани биле во сауната на вториот кат од објектот кога избувнал пожарот, додал.

Чечхон се наоѓа југоисточно од јужнокорејската престолнина Сеул и е туристички посетуван град поради планините и езерата во неговата близина.