(ВИДЕО) Франција отвори истрага за намалувањето на цената на Nutellа што предизвика хаос

Француските власти покренаа истрага за специјалните понуди во продавниците, како онаа од минатиот месец којашто предизвика хаос, па и физички пресметки меѓу купувачите кои настојуваа да дојдат до кремот Nutellа по намалени цени, а владата на претседателот Емануел Макрон се противи на намалувањето на цената.

Управата за заштита на потрошувачите и конкурентноста при француското министерство за економија потврди дека од вторникот истражува дали понудата на трговскиот синџир „Intermarche“ била во согласност со прописите.

Францускиот трговски синџир „Intermarche“ минатата седмица ја намали цената на стакленка со кремот „Nutella“ од 950 грама за 70 отсто, од вообичаените 4,70 евра на само 1,41 евро. На снимките објавени на социјалните мрежи можеа да се видат и физички пресметки меѓу потрошувачите кои настојувале да дојдат до тегла повеќе од слаткиот чоколаден крем.

„Беа како животни. Жените си ги корнеа косите. Една постара госпоѓа доби тегла во главата. Друга имаше крв на рацете“, раскажува една од очевидците за весникот Le Progres.

Еден вработен во самопослужување рекол дека поитрите љубители на кремот вечер пред намалувањето ги криеле теглите по разни места низ дуќанот за да ги земат пред другите купувачи.

Францускиот министер за земјоделие, Стефан Травер, во средата ќе го претстави нацрт-законот со кој дополнително ќе се ограничат ваквите понуди.

Француските земјоделци се жалат дека супермаркетите може да ги привлекуваат потрошувачите со таки понуди, бидејќи ги принудуваат добавувачите на договори кои го загрозуваат нивното опстојување.

Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер, ја критикуваше во средата акцијата на супермаркетите „Intermarche“ кој со големото намалување на цената на кремот предизвика тепачки меѓу потрошувачите и го повика раководството на трговскиот синџир повеќе да не презема вакви акции.

„Го примив вчера директорот на ‘Intermarche’. Му кажав дека тоа не смее да се повтори, не може да имаме такви сцени секое четврто утро во Франција“, изјави Ле Мер за радиото RTL.

Додаде и дека не треба да се релативизираат немилите сцени кои се случиле во супермаркетите.

„Постои договор кој го потпишале ‘Intermarche’ и другите дистрибутери за повеќе да не доаѓа до такви акции. Мора да го почитуваат зборот“, заклучи министерот.

Произведувачот на „Nutellа“, италијанската компанија „Ferrero“, се дистанцираше од намалувањето на цените, објавувајќи дека одлуката трговецот ја донел сам.

 

 

 

 

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.