ВИДЕО: Голем дел од демонстрантите во Ѓорче дојдени од страна да прават нереди, утврди МВР

Додека едни од тага, револт излегоа на улица мирно да протестираат поради убиството на осумнаесетгодишниот Ангел Петковски, некои лица тој трагичен момент за жителите на скоспско Ѓорче Петров се обидоа да го злоупотребат за да предизвикаат инциденти, да дојдат во судир со полицијата.

Дека одреден број учесници во протестот имаа токму вакви намери говорат полициските информации дека меѓу нив имало некои кои носеле молотови коктели, шипки и разни предмети. А, најмногу за хулиганството на дел од учесници говори видеото од случувањето во Ѓорче Петров на кое се гледа како еден млад човек се соблекува гол пред полицијата.

И покрај, ова опозицијата застана во одбрана на оние кои дивееја по улиците во Ѓорче, кои уништуваа автмобили, кршеа излози, оштетуваа туѓ приватен имот и предизвикаа страв и вознемиреност кај жителите на населбата.

Социјалдемократскиот сојуз наместо да ги осуди насилства тие излегоа со обвинување за полицијата и Министерството за внатрешни работи. Од МВР реагираат дека СДСМ „без срам продолжи да ги поддржува насилниците и хулиганите кои во Ѓорче Петров дојдоа да палат, кршат и каменуваат“.

„Не знаеме дали чувствуваат некаква одговорност кон вандалите, но таа не може и не смее да биде поголема од одговорноста која ја имаат кон граѓаните на Република Македонија и државните институции“, реагираат денеска од Министерството.

Дека протестите во Ѓорче добија политичка боја и беа организирани со цел да се предизвикаат насилни немири со трајни, а можеби и трагични, последици говорат неофицијални информации. Граѓаните, кои сакаат да останат анонимни, сведочат за разговори и подготовки како да се издејствува судир со полицијата и дека тоа мора да биде направено.

Очигледно беше дека некои луѓе дојдоа во Ѓорче со добро подготвен план да прават проблеми. Таквите лица, кои во најголем дел не беа жители на населбата, со насилното и бесрамно однесување го девалвираа автентичниот протест на ѓорчепетровци.

Сепак полицијата беше на висина на задачата, недозволи протестите да излезат надвор од контрола, а демонстрантите да стигнат до некоја од блиските населби во кои живее албанско население.


Доколку полицијата не реагираше и постапеше онака како што тоа го направи во вторникот, сигурно ќе дојдеше до судир меѓу демонстрантите и локалното албанско население, кое како што денеска се објавува се собрало во близина на мостот кај Сарај подготвено да се соочи со оние од другата страна на полициските кордони.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.