ВИДЕО: Хет-трик на Нејмар, два гола и две асистенции на Меси

Фудбалерите на Барселона продолжија со доминацијата во шпанската Примера откако забележа уште една убедлива победа, овој пат против Гранада со 6:0.

Повторно блескаше тандемот Меси-Нејмар. Аргентинецот постигна два гола и асистираше при постигнувањето на уште два, додека Бразилецот забележа хет-трик.

Во листата на стрелците се запиша и хрватскиот репрезентативец Иван Ракитиќ. Барселона сега има пет победи и едно реми од шест одиграни натпревари, со неверојатна гол разлика 17:0 и се наоѓа на првото место со 16 бодови.

Мечот на „Ноу Камп“ можеше да има поинаков тек доколку во седмата минута Јусеф Ел Араби, наместо пречката ја погодеше мрежата.

По оваа шанса на гостите, Барселона ја покрена својата машинерија. Во 26-та минута Нејмар ја започна голеадата, а натпреварот беше решен во финишот на првиот дел кога Иван Ракитиќ во 43-тата и Нејмар две минути подоцна и донесоа убедливо водство од 3:0 на екипата од Каталонија.

Но, Барса продолжи со истата игра и во вториот дел. Во 62-та минута Лионел Меси го постигна својот прв гол на мечот, а четири минути подоцна Нејмар го заокружи хет-трикот. Точка на мечот стави одличниот Аргентинец по една индивидуална акција.

Меси на овој меч стигна до јубилејниот 400.гол во кариерата. Импресивна бројка, ако се знае дека има само 27 години.