ВИДЕО: И овците на протест пред Ајфеловата кула

Незадоволните француски фармери ги донесоа своите овци пред Ајфеловата кула на протест против нападите од волци и она што фармерите го нарекуваат анти-фармерска политика.

Овците јадеа трева во близина на споменикот во Париз додека нивните сопственици бараа мерки против нападите од волци. Властите велат дека постоечкиот план за превенција од напади и обесштетувањето на фармерите е задоволително, затоа што властите исто така мораат да обезбедат заштита и за волците.

Протестите се случија во исто време додека претседателот на земјата Франсоа Оланд имаше обраќање на средбата за заштита на животната средина на која се разговараше за предлозите за обновливи извори на енергија и за плановите на Франција да учествува на Конференцијата за климатски промени на ОН следната година.