Видео: Инцидент на натпреварот Пелистер-Вардар, тешко повреден еден „комита“

Еден навивач на навивачката група „Комити“ ја изгуби раката од подлактицата надолу, друг се здоби со отворена рана на ногата а трет со сериозни повреди на градниот кош, додека неколкумина се полесно повредени од инцидентот што се случи на трибината каде што беа сместени „Комитите“.

„На само две три минути пред крајот на натпреварот, кога победата на Вардар не доаѓаше во прашање, без никаква причина еден од навивачите на Комитите му ја одзеде шок бомбата на еден од полицајците и ја активираше. Во тој момент тој ја загуби половината од раката, а навивачите кои беа во негова близина, се здобија со посериозни и полесни повреди. Повредени се и неколку полицајци“, пишува „Нова Македонија“.

Брзата помош во Битола има полни раце работа, а додека да се испратат Комитите, стадионот е блокиран.

Според последните информации, поради сериозноста на повредата, навивачот со разнесена дланка со возило на Брза Помош итно е префрлен на скопските Клиники.

Тој е однесен во болница во Скопје за да му биде извршена комплицирана хируршка интервенција за да му се спаси раката.

Повредата настанала откако на трибината на стадионот на Пелистер во Битола била активирана полициска шок -бомба, пред крајот на фудбалското дерби Пелистер-Вардар.