Видео: ИСИС е многу поопасен отколку што мислат луѓето

Првиот западен новинар во светот кому му беше дозволен пристап до териториите на ИСИС во Сирија и Ирак се врати од регионот со предупредување: групата е „многу посилна и многу поопасна“ отколку што мисли Западот.

Јирген Тоденхофер, 74, е познат германски новинар и публицист, кој патувал преку Турција до Мосул, најголемиот град окупиран од ИСИС, по неколкумесечни преговори со лидерите на групата.

Тој објави резиме на своите „10 дена во Исламска држава“, а во интервјуа за медиуми на германски јазик ги откри своите први впечатоци од животот под власт на ИСИС.

Тоденхофер вели дека тој, всушност, престојувал во истиот хотел во Бенгази како и Џејмс Фоли, американскиот новинар што во август ИСИС го обезглави пред камери.

„Се разбира, го видов ужасното, брутално видео и тоа беше една од моите главни грижи за време на преговорите – како можам да ја избегнам истата судбина“, вели тој.

Откако стапнал на територијата на ИСИС, Тоденхофер вели дека неговиот најсилен впечаток бил дека „ИСИС е многу посилна отколку што ние мислиме“. Тој вели дека сега таа има „димензии поголеми од Велика Британија“, а ја поддржуваат со „речиси екстатичен ентузијазам каков што никогаш не сум видел во ниедна друга воена зона“.

„Секој ден, стотици подготвени борци пристигнуваат од целиот свет“, вели тој. „За мене тоа е несфатливо.“

Тоденхофер тврди дека имал можност да се движи меѓу ИСИС-борците, да ги набљудува нивните услови за живеење и опрема. На својата страница на Фејсбук тој објави фотографии со германски автоматски пушки Хеклер и Кох МГ3 во рацете на ИСИС. „Еден ден овој германски МГ би можело да биде вперен во нас“, рече тој.

Самите борци на ИСИС спијат во касарни изградени од „остатоците од бомбардираните куќи“, вели тој. Нивниот број изнесува околу 5.000 во Мосул, а толку многу се шират, што ако САД сакаат да ги бомбардираат сите, „ќе треба да целиот Мосул да го срамнат со земја“, вели тој.

Тоденхофер вели дека ова во крајна линија значи дека Западот не може да ја победи ИСИС со воздушни напади – и покрај тоа што САД тврдат дека минатата недела биле ефикасни. „Со секоја фрлена бомба што ќе погоди цивил, бројот на терористите се зголемува“, вели тој.

Два дена по своето враќање во Германија минатата недела, Тоденхофер рече дека ИСИС напорно работи да се утврди како функционална држава. Тој вели дека таа има „социјална помош“, „образовен систем“, па дури и дека бил изненаден кога видел дека планира да им овозможи образование на девојчињата.

Најзагрижувачко од сè, вели тој, е верувањето на борците на ИСИС дека „сите религии што се согласуваат со демократијата мора да умрат“.

Тој рече дека ставот што постојано сите го повторувале е дека ИСИС сака да „го освои светот“ и дека сите оние што не веруваат во нејзиното толкување на Куранот ќе бидат убиени. Единствените други религии што ќе бидат поштедени, вели Тоденхофер, се „луѓето на книгата“ – Евреите и христијаните.

„Ова е најголемата стратегија за верско чистење што некогаш била планирана во човечката историја“, вели тој за РТЛ.

Според Тоденхофер, ИСИС наскоро ќе му понуди на Западот преговори за некакво ниво на соживот. „Единствените што можат сега да го запрат ова се умерените ирачките сунити“, вели тој и додава: „Ако сакате да го победите противникот, мора да го познавате.“