ВИДЕО: Исламисти се капат во базенот на американската амбасада

Либиските исламисти влегле во анексот на американската амбасада во Триполи, но не и’ во самиот комплекс на амбасадата од која САД минатиот месец го евакуирал целиот персонал, изјавиле вчера тамошните власти.

Видеото поставено на Јутјуб ги прикажува припадниците на вооружените групи, околу десет од нив, кои влегле во дипломатскиот објект, како се забавуваат околу базенот, додека некои во него скокале од терасата во близина.

Засега не е познато колку е анексот блиску до самата амбасада.

САД ја евакуирале амбасадата во Триполи на 26-ти јули, по зголемувањето на насилствата меѓу спротивставените групи во Либија.

Американската амбасадорка во Либија, Дебора Џонс, во порака на Твитер напишала дека видеото го прикажува резиденцијалниот анекс, но дека во тоа не може да биде сигурна. Џонс, која моментално се наоѓа на Малта, изјавила дека амбасадата не е оштетена.