(ВИДЕО) Израел бомбардираше 15 позиции на Хамас во Газа

Авиони на израелските воздухопловни сили бомбардираа денес 15 воени позиции и објекти на Хамас во Појасот Газа откако во текот на ноќта беа испукани ракети врз Израел од таа територија.
Нема извештаи за повредени од двете страни во размената на огнот неколку дена откако Хамас, исламистичката група која управува со Газа, соопшти дека постигнале примирје со Израел.

Овој напад беше извршен како одговор на проектилите испукани од Појасот Газа во Израел во текот на ноќта и поради теророт кој го одобри и спроведе Хамас за време на викендот, се вели во соопштението на израелската војска.

Војската тврди дека погодила 10 локации во првиот напад и уште пет во вториот.
Хамас не ја презеде одговорноста за ракетниот напад од Газа. Низа мали милитантни групи дејствуваат полунезависно од Хамас и познато е дека стрелаат со ракети во Израел.

Во протестите кои почнаа на 30 март во Појасот Газа досега загинаа 120 Палестинци.
Палестинските милитанти испукаа над 100 минофрлачки гранати и ракети врз Израел оваа недела, а израелската војска одговори бомбардирајќи десетици воени позиции во Газа.
Станува збор за најжестоките судири на Израел и палестинските милитантни групи од војната во 2014.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.