ВИДЕО: Како изгледа Скопје загадено

Поради маглата, денеска скопјани дишат многу позагаден воздух од вчера, а концентрaција на штетните суспендирани честички во воздухот високо над дозволената гранична вредност е измерена во Центар, Лисиче, Гази Баба, Карпош, Ректорат, Тетово, Велес, Кавадарци, Кочани, Битола, Миладиновци.
Засега конкретни мерки надлежните се’ уште не посочуваат, а според македонското и европското законодавство, дозволено е 35 дена во годината да биде надминат прагот на алармирање во однос на недозволената концентрација на штетните честички, но доколку мерењата покажуваат такви резултати континуирано во текот на пет денови, тогаш  Министерството за животна средина во соработка со Градот се обврзани да преземат мерки.

Иако, проблемот со загадување на воздухот во овој период од годината е заеднички речиси за сите светски поголеми градови, сепак, појдовна точка за излез или ублажување на оваа состојба е пред се’  подигнување на свеста на граѓаните. Процес кој кај нас, може да се каже дека не е ни почнат. Бидејќи тоа не се постигнува со трибини и апели само во зимскиот проблем кога е најкритично, туку кампањата за превенирање на ситуацијата треба да биде актуелна низ целата година.

Експертите, се согласни дека, кога се работи за Скопје, најголем загадувачки фактор се неговата местоположба, маглата и временските услови со негативни воздушни циклонси движења. Потоа, тука се и начините на загревање, сообраќајот, индустријата… Но, доколку состојбата со маглата не може да се смени насекаде во светот и покрај тоа што постојат современи технилогии за нејзино растерување, може и тоа како да се влијае врз човечките фактори. А тука се: воспоставување на поинаков режим на сообраќај, особено во централното градско подрачје, повеќе инспекциски контроли на индустриските капацитети, користење јавен превоз… Важен е и начинот на кој се загреваат домаќинствата. Некои од експертите посочуваат дека општините би требало да формираат служби кои би преверувале што домаќинствата користат за греење и дали им се исчистени оџаците, како една од можните причини и за појава на пожари. Сепак, најголемиот проблем е тоа што Скопје има микроклима, со температурна инверзија и нема движење на воздухот.

Од Градот велат дека во борбата со загадениот воздух, нивна надлежност е да даваат препораки до граѓаните почесто да користат јавен превоз, тешките товарни возила да ја користат обиколницата, доколку треба да забранат одредени градежни активности, како и контрола на помалите капацитети за кои има сознанија дека користат употребувано масло за греење.

Како долгорочни решенија за подобрување на квалитетот на воздухот од Министерството за животна средина досега ги посочуваа гасификацијата, трамвајот како алтернативен јавен превоз, но и хибридните превозни средства кои би користеле бутан пропан или етан гас.