(ВИДЕО) Крстот во Скопје по петти пат кај Даниел Дончевски 

Даниел Дончевски од скопската населба Ченто го фати Светиот крст во реката Вардар којшто во петокот точно напладне од мостот кај Министерството за надворешни работи го положи во водите архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Дончевски беше најсреќен од вкупно 150-те пријавени граѓани за фаќање на крстот во Скопје.

Тој, по петти пат го фаќа светиот крст досега.

Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

Богојавление – Водици се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20-ти јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици.

Богојавление или Водици е христијански празник кој се слави на денот на кој, според преданието од христијанската религија, Св. Јован Крстител го покрстил Исус Христос во реката Јордан.

Се прославува на 19-ти јануари кај црквите што го користат Јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и МПЦ, а на 7-ми јануари кај црквите што го користат Грегоријанскиот календар). Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството.

Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.

Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица).

Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, според верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите.

Според едно предание од Охрид што го забележал Кузман Шапкарев некој човек што овој миг го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по погрешка рекол: „Дај ми Господи, еден осмак глава“.

И за чудо на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пенџерата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа”.

Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се напрви откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици. Вториот ден 20-ти јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици.

Како што забележал Кузман Шапкарев, во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци.

Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.

Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот.

Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.

Овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.