Видео: Либанските христијани подготвени за одбрана од ИСИС

Повеќе од 20 лица се убиени во северниот дел на Либан во судирите меѓу армијата и сунитските милитанти во изминатите четири дена. Еден либански безбедносен офицер рекол дека од петокот досега се убиени 12 војници и 10 цивили, додека 92 војници и 63 цивили се повредени.

Заканата од Исламска држава ги премина границите на Сирија и стигна во соседен Либан, поради што тамошните христијани зедоа оружје в раце за да ја одбранат својата земја и семејствата од екстремистите.

-Бидејќи сириската војна ни беснее во соседството, ние имаме многу проблеми, многу сомнителни луѓе доаѓаат тука, мора да бидеме во состојба на готовност. Треба да ја браниме нашата земја од терористите, од ИСИС и Нусра фронт, вели Абу Тони, член на милицијата на градот Каа во северозападниот дел на Либан, за РТ.

Милицијата на Каа секоја вечер патролира во граничната област, додека илјадници борци на Исламска држава и други џихадисти наводно се концентрираат на границата со Либан во близина на градот Арсал, на оддалеченост од триесетина километри.

Постои загриженост дека милитантите ќе го нападнат христијанското население во регионот.

-Зад оваа планина има екстремисти и тие секогаш се обидуваат да се инфилтрираат тука. Последен пат, пред само пет дена, се боревме со нив и повеќето ги убивме, вели Абу Жорж од милицијата на Каа.

Мажите од Каа, кој се наоѓа на околу пет километри од границата со Сирија, се организирале пред шест месеци. Ги има околу 300 во групата, а се очекува на милициските сили да им се приклучат уште самобранители.

Викендов илјадници цивили морале да ги напуштат своите домови во северниот дел на Либан, во областа на Триполи, поради заканата од напад од милитантите на Исламска држава. 76-годишниот возач на камион Макул бил киднапиран од милитантите околу неговото село во Либан, поминал повеќе од 20 дена во заробеништво, а неговото ослободување го чинело неговото семејство 30.000 долари.

Христијаните сè уште имаат значителна моќ во Либан, а процените укажуваат дека бројот е приближно еднаков на тој на муслиманите. Точниот процент на христијанските верници со децении е оспоруван зашто последниот попис во земјата е спроведен во 1932 година, но истражувањата покажуваат дека во моментов во Либан живеат околу 40 проценти христијани.

Според извештај објавен во почетокот на годинава од една група за следење на прогонувањето на христијаните во светот, во 2013 година најмалку 2.100 христијани загинале поради својата вера. Повеќето од загинатите биле во Сирија, каде што радикалните исламистички групи му се нафрлија на ова одамна населено религиозно малцинство.