ВИДЕО: Мраз, снег, сообраќаен хаос – Вонредна состојба во шест американски држави

Продолжува ледената доба во Америка, снегот и студот се’ повеќе им се закануваат на граѓаните.

Властите во американските сојузни држави Алабама, Мисисипи, Лујзијана, Џорџија, Северна и Јужна Каролина денеска прогласија вонредна состојба поради силните снежни врнежи, ледени врнежи и густата магла.

Најтешка е ситуацијата во Алабама и во Џорџија. Над 5.000 ученици беа принудени да останат во училиштата, поради прекин на сообраќајот. Неколку десетици деца, кои тргнале кон дома пред почетокот на снежните врнежи ноќта ја минале во автобусите.

Главниот град на Џорџија, Атланта беше целосно парализиран изутринава со температури од минус 10 степени. Патиштата во оваа сојузна држава, каде снежните врнежи се реткост, се блокирани од возила. Властите ги предупредија жителите да не ги напуштаат своите домови и ги затворија патиштата за камиони.

Само во Џорџија од 21 часот синоќа до 10 часот денеска имало над илјада сообраќајни несреќи. Во нив едно лице е загинато, а над 104 се повредени.

Снежните врнежи го прекинаа и авионскиот сообраќај. На источниот дел на САД биле откажани 1.500 лета. Неколку илјади луѓе се без електрична енергија.

Според националната метеоролошка служба снежните врнежи во поголемиот дел од регионот престанале.