ВИДЕО: МВР заплени дрога наменета за хрватскиот пазар

Во рамки на акцијата „Мрежа“,  МВР заплени околу 23 килограми марихуана, која потекнува од Албанија и преку Македонија требало да стигне до Хрватска.

Во акцијата се уапсени седум лица од кои четири се  македонски државјани, на возраст од 22 до 52 години, а три се со хрватско државјанство, на возраст од 40 до 54 години. Две лица со албанско државјансто се во бегство.

Двајцата албански државјани ја набавиле марихуаната во Албанија, ја пресувале за полесно сместување во специјални бункери во возило и ја префрлиле во околината на Дебар.

Дрогата од дебарско била преземена со возило „крајслер војаџер“ со хрватски таблички кое се упатило кон Струга. На патот Дебар – Струга, во близина на селото Велешта полицајците го запреле возилото. При претресот на истото биле откриени три специјално направени бункери, во кои биле сместени 28 – те пакувања со марихуана.

При претресот на домот на еден од осомничените биле пронајдени уште 17 пакувања во кои имало вкупно 5 грама кокаин.

Вредноста на дрогата во земјите од регионов при големопродажба се проценува на околу 70.000 евра, а во малопродажба сумата е неколку пати поголема.

МВР за овој случај поднесе кривина пријава против  девет лица.

Во рамки на акцијата „Мрежа“ досега се приведени 80 лица, а запленети се половина тон различни видови наркотици.