ВИДЕО: МВР заплени осум килограми хероин

МВР на граничниот премин Богородица вчера заплени околу осум килограми хероин, со што е пресечен меѓународен канал од Турција до Македонија, со крајна дестинација – западноевропските земји.

По претходно изготвен план во врска со сознание за транспорт на хероин на ГП „Богородица“  откако на влез за Македонија се пријавило возило марка „пежо 307 “ сребрена боја со скопски таблички управувано од лицето Ќ.Л. (54) заедно со лицето  Ф.Б. (36) кој пеш се обидел да оствари влез во земјава  (двајцата македонски државјани) извршен е преглед и  претрес над возилото и лицата. По извршениот претрес во предниот дел на возилото во просторот за вентилација, во специјално изработен простор (бункер) пронајдени се 16 пакувања правоаголна форма обвиткани со жолта селотејп трака исполнети со хероин.

Овие две лица биле ангажирани од засега непознато лице до крајот на месецов да извршат транспорт на хероин од Турција до Македонија.

На 21- ви овој месец на ГП “Богородица” Ф.Б. со истото возило остварил излез од земјава и се упатил во Турција. По претходно добиени инструкции од нарачателот од Македонија, Ф.Б. утредента возилото го предал на турски државјанин, член на криминалната група кој имал задача да го сокрие хероинот. Потоа Ф.Б. го превземал возилото и од Турција, преку Грција се упатил за Македонија каде бил пречекан од лицето Ќ.Л. кој вчера пеш ја поминал границата и го чекал во меѓуграничниот простор со Грција од каде го превземал возилото за кое претходно имале изготвено полномошно за управување на туѓо возило.

Запленетиот хероин при продажба на домашниот нарко пазар на големо во Р.Македонија би достигнал цена од 160.000 евра додека надвор од Р.Македонија над 250.000  евра.

Лицата се уапсени и по  целосно документирање на случајот заедно со кривичната пријава ќе бидат предадени  на судија на претходна постапка.