ВИДЕО: Над 30 села горат во Сибир

Пожарите кои пустошат по сибирските села до сега одзедоа 26 животи додека 1000 луѓе побарале лекарска помош, јавува британски Гардијан.

Над 5.000 спасувачки работници се борат во изминатите два дена за да ја смират стихијата во областа Какасија на југоистокот на Сибир. Огнот се проширил и во источен Сибир, а рускиот претседател Владимир Путин лично ја координира работата на службите за кризно дејствување, изјавил неговиот портпарол.

Како можна причина за пожарите, властите го посочиле човечкиот фактор.

-Овие пожари немаше да се случат доколку некој не си играл со оган, изјавил вчера Александер Чуприајн, заменик-министер за кризи.

Државната телевизија јавила дека пожарите може да се видат од вселената, а пламените на некои места достигнуваат и 3 метри височина.

Ирина Емелијанова, портпаролка на локалните власти, потврдила дека 77 лица имаат сериозни повреди, а 8 од нив се наоѓаат во критична состојба.
-Температурата вчера изнесуваше 25 степени, а дуваа силни ветришта. Поради таа комбинација дојде до разгорување на пожарите. Никогаш ни се нема случено вакво нешто, кажала Емелијанова, истакнувајќи дека повеќе од 30 села биле зафатени од пожарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.