(ВИДЕО) Ненадејна средба на Ким и Мун

Челниците на Северна и на Јужна Кореја, Ким Џонг-ун односно Мун Џае-ин се сретнаа ненајавено во саботата во демилитаризираната зона меѓу двете земји, два дена откако американскиот претседател Доналд Трам го откажа историскиот самит со севернокорејскиот водач закажан за 12-ти јуни во Сингапур.

Станува збор за втора средба на Ким и Мун за помалку од еден месец. Доаѓа откако Јужна Кореја изрази жалење поради откажувањето на самитот од страна на Трамп и во време кога двете страни вложуваат напори историскиот самит меѓу САД и Северна Кореја, сепак, да се случи.

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот во писмо до севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун соопшти дека го откажува нивниот состанок на врвот, но во подоцнежните изјави навести дека самитот сепак би можел да се одржи.

Во соопштението на владата во Сеул, се истакнува дека јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин во недела наутро, ќе ги соопшти резултатите од разговорот со севернокорејскиот челник.

Пјонгјанг воздржано реагираше на веста за откажување на самитот, објавена само неколку часа откако Северна Кореја објави дека „целосно го демонтирала“ својот полигон за нуклеарни тестови, во присуство на десетици новинари, вклучително и од САД, Велика Британија и Јужна Кореја.

Првиот заменик на севернокорејскиот министер за надворешни работи Ки Кје Гван оцени дека одлуката на Трамп „навистина вреди да се жали“, но остави можноста за продолжување на дијалогот велејќи дека Пјонгјанг е подготвен „да седне во секој момент и на кој и да е начин да разговара за да се реши проблемот“.

Откако подготовките за самитот во Сингапур одеа по редовниот тек, Трамп ненадејно го откажа состанокот со Ким поради, како што истакна „отвореното непријателство и големиот гнев“ искажан од страна на Пјонгјанг.

Северна Кореја неколку дена ги замрзна преговорите со Југот и самата се закани со откажување на самитот со Трамп поради големите американско-јужнокорејски воени вежби за кои оцени дека претставуваат покажување агресија и вежбање инвазија врз нејзината територија.

Пјонгјанг беше особено бесен на изјавата на американскиот потпретседател Мајк Пенс кој Северна Кореја ја спореди со Либија. Пенс имено порача дека Северна Кореја би можела да заврши како Либија доколку не преземе чекори кон денуклеаризацијата. Северот, пак, потсети на судбината на либискиот водач Моамер ел-Гадафи кој во договор со западните земји се откажа од својата нуклеарна програма а подоцна беше соборен и егзекутиран од бунтовниците кои директно ги поддржуваше токму Западот.

Вашингтон бара целосна и неповратна денуклеаризација на Северна Кореја која ќе може да се проверува. Се појавија и информации дека САД побарале предавање или изнесување на нуклеарниот арсенал од земјата. Пјонгјанг, пак, предупреди дека никогаш нема да се откаже од својот нуклеарен арсенал, сѐ додека нема да се почувствува безбеден пред американската агресија.