ВИДЕО: Нов скандал повторно го тресе кабинетот на Ердоган

Откако вчера во Турција изби нов скандал, со кој повторно се разниша довербата во турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, опозицијата во земјата ја побара неговата оставка.

Доцна синоќа беше објавена аудио снимка на која двајца мажи за кои се тврди дека се Ердоган и неговиот син разговараат за тоа како да се ослободат од голема сума на пари од нивната куќа. Разговорот наводно бил воден на 17 декември, на денот кога започна полициската антикорупциска акција, при која беа приведени поголем број лица блиски до Владата на Ердоган, меѓу кои и синови на тројца министри.

Снимките од разговорот кој посочува на корупција во Владата, се појавија откако беше објавено дека турската полиција прислушувала најмалку 7.000 луѓе, меѓу кои и премиерот Ердоган, членови на неговиот Кабинет, шефот на разузнавачката служба на Турција и новинари.

„Владата треба веднаш да поднесе оставка, бидејќи го загуби целиот легитимитет“, истакнал заменик-претседателот на главната опозициска формација, Републиканската народна партија, Халјук Коч по вонредната седница на партиското раководство во текот на изминатата ноќ.

Неговата изјава доаѓа по видео материјалите објавни на „Ју Тјуб“, од телефонски разговор, за кој се тврди дека е воден меѓу премиерот Ердоган и неговиот син Билјал.

Кабинетот на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган синоќа соопшти дека снимките што се појавија на интернет и за кои се тврди дека претставуваат разговор меѓу шефот на турската Влада и неговиот син, се лажни, неморални и целосно невистинити.

Ердоган смета дека ова е дело на приврзаници на муслиманскиот проповедник Фејтула Ѓулен.