ВИДЕО: Објавена брутална егзекуција може да биде доказ за воено злосторство

Британски „Скај њуз“ поседува снимки и фотографии на кои се гледа вмешаноста на британски војници борци во убивањата во Сирија, а тоа е чин кој би можел да претставува воено злосторство.

Овие снимки, кои ги откриле истражувачите на Меѓународниот центар за проучување на радикализам, прикажуваат како џихадиските бунтовници убиваат затвореници, следбеници на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Се верува дека до овој инцидент дошло во текот на последните две недели и тоа во близина на Ракке, во северна Сирија.

Снимата ја објавил на Инстаграм човек за кој се верува дека живее во Лондон.

Во текстот кој го опишува видеото стои дека затвореникот е едно од кучињата на Башар ал Асад, како и дека ова е одмазда за смртта на четворица колеги на бунтовниците и силувањето на една жена.

Меѓународниот центар за проучување на радикализмот ги надгледува профилите на друштвените мрежи на над стотина странски борци во Сирија. Се верува дека човекот, кој го објавил видеото е член на групата британски борци познати како „Рахат ал Тавхид“. Станува збор за сунитското џихад движење ИСИС, кое контролира големо подрачје во Северна Сирија.

Шираз Махер, истражувач во овој Центар, тврди дека убивањето затвореници е воено злосторство според меѓународното право.

2

„Ова е неверојатно сериозно“, изјавил Махер.

„Веруваме дека главните личности вклучени во движењето „Рахат ал Тавхид“ доаѓаат од Лондон. Тоа го заклучивме врз основа на разговор со странските борци, нашата опсежна евиденција на борбените активности на странските борци во Сирија, како и следењето на профилите на друштвените мрежи, додал Махер.

Иако на видеото никој не зборува на англиски јазик, аналитичарите на овој Центар веруваат дека еден од убијците е британски државјанин. Токму тој на снимката се гледа како пука во телото на затвореникот и тоа неколку секунди откако му е пукано во рамото.

Според анализа на виденото – физичката градба на убиецот, рачниот часовник кој го носи на раката и уште некои детали, експертите од овој Центар заклучиле дека станува збор за истиот човек кој на останатите видеа на оваа џихадска група говори англиски јазик течно.

„Не знаеме дали затвореникот е жив или мртов во моментот кога овој Британец пука во него, но тоа не го менува фактот дека соучествувал во егзекуцијата“, изјавил истражувачот Џозеф Картер.