(ВИДЕО) Околу 1.600 Французи евакуирани поради поројни дождови

Околу 1.600 лица се евакуирани од три департмента на југот од Франција, поради поројните дождови, соопшти во четвртокот вечерта тамошното министерство за внатрешни работи.

Во соопштението се прецизира дека евакуацијата била спроведена во департманите Дром, Ардеш и Гар. Во спасувачките операции биле ангажирани повеќе од 400 пожарникари и жандарми. Покрај тоа, четири хеликоптери на француската жандармерија постојано патролираат од воздух во зоната на стихијата.

Меѓу евакуираните се и 119 деца од летниот камп во општината Сен-Жулиен-де-Пејрола. Според телевизијата BFMTV, децата кои биле на летување во кампот пристигнале од Германија. Едно од лицата кои го водат одморалиштето, 70-годишен германски државјанин, се води како исчезнат.

Францускиот министер за внатрешни работи, Жерар Колон, го повика населението да биде претпазливо и да ги следи податоците од метеоролошките служби.

Претходно во четвртокот 26 департмани од истокот и југоистокот на Франција поради претстијните најави на грмотевици издадоа портокалово, претпоследното, ниво на метеопасност.