ВИДЕО: Патриотот Љубе Бошкоски нема став за предлогот „Република Илинденска Македонија“

Од сите коалициски партнери на премиерот Зоран Заев, непознат останува ставот за предлогот „Република Илинденска Македонија“ на поранешниот министер за внатрешни работи во владата на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен советник на премиерот за привлекување странски инвестиции во влада на СДСМ, Љубе Бошкоски.

Челникот на „Обединети за Македонија“, не одговори на барањето на НетПресс да го соопшти својот личен или партиски став за последниот предлог на македонската страна во спорот што Грција го има со уставното име на Република Македонија.

Имајќи предвид дека Бошкоски со неколкумина свои блиски соработници пополнува позиции во ешалоните на власта, се претпостави дека најверојатно е согласен со предлогот, кој во меѓувреме го отфрлија и македонската опозиција и официјална Атина, а што е најважно не го прифаќа огромното мнозинство Македонци.

Од друга страна, пак, јавноста ги памети изјавата и ветувањето на „брат Љубе“ дадена од предизборна говорница дека „нема промена на уставното име на Македонија“.

Но, исто така, јавноста ја памети и снимката употребена во случајот „Кампања“, случај за кој Бошкоски беше осуден на петгодишна затворска казна поради незаконско финансирање на изборната кампања, кога на својот соговорник му ветува дека „брзо ќе се договори“ со Атина за името.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.