(ВИДЕО) Пјонгјанг ги претстави своите интерконтинентални проектили

Северна Кореја организираше во четвртокот во главниот град Пјонгјанг воена парада по повод одбележувањето на 70-годишнината од основањето на своите вооружени сили, претставувајќи ги во јавноста интерконтиненталните проектили, ден пред отворањето на Зимските олимписки игри во соседната Јужна Кореја.

На плоштадот на Ким Ил Сунг дефилираа илјадници војници прудружени од камиони, артилерија, тенкови и, во прв ред, големите ракети. За разлика од воената парада во април минатата година, државната телевизија овој настан не го пренесуваше директно, туку со неколку часови задоцнување.

Парадата ја следеа севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, неговата сопруга Ри Сол-ју и претседателот на парламентот Ким Џонг-нам, кој ќе ја предводи севернокорејската делегација во петокот на ЗОИ во Јужна Кореја.

„Станавме способни пред планетата да го демонстрираме нашиот статус на воена сила од светска класа“, изјави Ким Џонг-ун.

Прославата е преместена од 25-ти април за 8-ми февруари, и овојпат не беа поканети странски новинари.

Организаторите на Зимските олимписки игри во Пјеочанг изјавија дека севернокорејската воена парада нема да влијае врз динамиката на овој спортски настан.

Северна Кореја во четвртокот објави дека во текот на игрите нејзината делегација нема да се сретне со претставниците на САД.

„Воопшто не планираме да се сретнеме со американските функционери во текот на нашата посета на Југот. Никогаш не сме и нема да бараме дијалог со САД“, изјави Чо Јонг Сам, висок функционер на севернокорејското министерство за надворешни работи, пренесува официјалната агенција KCNA.

Со тоа се закопани надежите дека светскиот спортски настан ќе биде местото на коешто ќе биде направен обидот да се ублажат тензиите во врска со севернокорејските нуклеарни и ракетни програми.

На отворањето на игрите ќе присуствува американска делегација којашто ќе ја предводи потпретседателот Мајк Пенс, додека високата делегација на Северна Кореја ќе ја водат помладата сестра на водачот Ким Џонг-ун – Ким Јо-џонг, како и церемонијалниот шеф на државата Ким Џонг-нам.

Пенс, кој во Јапонија пристигна на пат кон Јужна Кореја, изјави во четвртокот дека САД се подготвени на секакви можности кога станува збор за Северна Кореја. Најави, исто така, дека Вашингтон е подготвен да ги зајакне економските санкции против Пјонгјанг, „најсилните кои досега се донесени“ против оваа земја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.