(ВИДЕО) По соборувањето на израелскиот борбен авион над Сирија, ситуацијата ескалира

Сириската противвоздушна одбрана го соборила во саботата израелскиот борбен авион од типот „F-16“ недалеку од заедничката граница, се наведува во прелиминарната воена процена, откако израелските воздушни цел ја нападнале соседната земја тврдејќи дека гаѓале „ирански цели“ во Сирија.

Инцидентот го одбележа ескалација на воена ситуација на сириско-израелската граница, на окупираната од Израел Голанска висорамнина. Израел соопшти дека започнува воздушни удари откако ирански дрон минал на израелска територија каде што бил соборен. Неколку часа подоцна по првите напади врз „ирански цели“, Израел повторно покрена воздушни удари во Сирија, гаѓајќи дванаесет нови цели

Воени извори во Дамаск за агенциите велат дека меѓу сириските сили има жртви, како и дека до три лица се убиени на воена позиција во централната покраина Хомс. Сириската армија, исто така, соопшти дека погодила повеќе израелски летала, од кои „најмалку едно“ е соборено, пренесува сириската државна агенција SANA

Шиитските и другите милиции од регионот кои имаат поддршка од Иран а во Сирија се борат на страната на армијата на владата на претседателот Башар ал-Асад, демантираа дека цел на дронот бил Израел, тврдејќи дека неговата цел биле џихадистите на Исламската држава коишто сѐ уште држат позиции во појасот кон Голанската висорамнина.

„Она што израелскиот непријател го кажа за дронот. .. е измамничка лага“, се наведува во соопштението на милициите.

Израел редовно во текот на сирискиот конфликт напаѓа цели на територијата на Сирија тврдејќи дека цел му се силите на либанската шиитска милиција Хезболах и конвои со иранско оружје за неа, но ова е првпат во текот на сириската војна противвоздушната одбрана на владата во Дамаск да ги оствари претходните закани и да одговори со соборување на израелскиот авион, што доколку биде потврдена воената процена, би бил прв ваков случај.

„Сиријците и Иранците се играат со оган. Ние сме подготвени да нанесеме тешки последици на кој и да е којшто делува против нас, но нашата намера не е да се предизвика ескалација“, објави израелскиот воен портпарол, Ронен Манелис на Twitter.

Двата израелски пилота се катапултирале од авионот и слетале во Израел, но еден е во тешка состојба, наведува израелската армија. Авионот се урнал во северниот регион Галилеја. Авионот го урнала сириската противвоздушна одраа, се наведува во првата воена процена, изјавил за агенцијата DPA, израелскиот воен портпарол Џонатан Конрикус. Истрагата е во тек.

 

Иран демантира вмешаност во изралско-сириското насилство

Иран нема распоредено беспилотни летала во Сирија, ниту е вмешан во претходното уривање на израелскиот борбен авион, соопшти иранското министерство за надворешни работи.

„Овие обвинувања од ционистите се толку смешни што нема ниту да одговориме на нив“, изјави во саботата портпаролот на иранската дипломатија Бахрам Хашеми, нарекувајќи ги израелските тврдеа за иранска вмешаност „лаги“

„Иран во Сирија дејствува само како воен советник и тоа на барање на сириската влада. Сириската армија има легитимно право да реагира на странска агресија и да ја брани својата земја“, додал Хашеми, пренесува агенцијата Irna.

 

Либан ги осудува израелските напади во Сирија

Либан ги осуди воздушните напади на израелските сили во соседна Сирија, соопштувајќи дека ќе испрати во Обединетите нации извештај против Израел поради нарушување и користење на либанскиот воздушен простор, што инаку е чест случај последните години, извести либанската новинска агенција NNA.

„Ваквата агресивна политика, којашто Израел ја практикува, ја загрозува стабилноста во регионот“, предупреди либанското министерство за надворешни работи.

 

Русија изразува загриженост

Москва е сериозно загрижена од последниот развој на настаните во Сирија и ги повикува станите да покажат воздржаност и да ја избегнат ескалацијата на ситуацијата, објави во саботата руското министерство за надворешни работи.

„Ги повикуваме сите страни да покажат воздржаност и да избегнуваат секакви акции кои би можеле да довадат дури и до поголеми компликации на ситуацијата. Неопходно е безусловно да се почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија и на другите земји во регионот“, порачува руската дипломатија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.