ВИДЕО: Полска побара на следниот НАТО самит Македонија да добие покана за членство

Поранешните југословенски републики Македонија и Црна Гора треба да бидат поканети да се приклучат кон НАТО на следниот самит на Алијансата во 2016 година во Варшава, изјави министерот за одбрана на Полска Томаш Шемонак во петокот.

Како што пишува Ројтерс, таквиот чекор би можел дополнително да ги влоши односите меѓу западните држави и Русија, што веќе се во длабока криза поради случувањата во Украина.

– Ќе биде одлична вест ако може од Самитот на НАТО во Варшава да бидат испратени покани за Македонија и Црна Гора, изјави Шемонак на конференцијата во полскиот град Вроцлав.

Според Шемонак изгледа дека самитот на НАТО во Варшава, ако остане без овој елемент, нема да биде целосно задоволувачки за голем број земји, вклучително и Полска.

Македонија и Црна Гора сакаат да ги следат Албанија и Хрватска, кои пристапија на НАТО во 2009 година, но Русија се противи на ваквото проширување на НАТО со поранешните комунистички држави во источна и југоисточна Европа, што всушност е дел од трката за геостратешко влијание по крајот на Студената војна.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави минатата година дека проширувањето на НАТО кон поранешните југословенски републики Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора би можело да биде сметано како провокација, пишува БТА.

Самитот на НАТО во Варшава е закажан за 8 и 9 јули 2016 година.