ВИДЕО: Поплави во Италија, штета над 350 милиони евра

Невремето  и обилните врнежи резултураа со големи  поплави во  централниот и североисточен дел на Италија, а во околината на Пиза евакуирани се околу илјада луѓе, јавија италијанските медиуми.

Поплавени се и некои делови од главниот град Рим, каде сообраќајот се одвива отежнато.

Најтешко е погоден градот Пиза каде училиштата се затворени, а прогласена е вонредна состојба поради надојдената река Арно.

Властите на препорака на Министерството за животна средина прогласија вонредна состојба во регионот на Лигури.

Според проценките штетата од невремето во регионот изнесува околу 350 милиони евра.

Ситуацијата е сериозна и тешка во регионот на Тоскана и Емилија-Романија каде за справување со поплавите се вклучени голем број доброволци.

Северниот дел на Италија е зафатен со врнежи од снег, додека јужните делови од поројни дождови.

Температурите на Апенинскиот Полуостров повторно се зголемени, што претставува опасност од одрон на лавини на планините.

Метеоролозите предвидуваат дека невремето ќе продолжи и во текот на викендот.