ВИДЕО: Првото интервју на Ходорковски по неговото помилување

Во своето прво интервју по помилувањето и неговото ослободување од затвор, поранешниот руски нафтен магнат Михаил Ходорковски, зборувал за тоа какво е чувството да си повторно на слобода. Интервјуто беше дадено за московското опозициското политичко списание „Њу тајмс“, за кое рускиот поранешен олигарх беше колумнист.

„По 10 години тоа е неверојатно чувство за слобода“, рекол Ходорковски. „Најважното нешто сега е слобода , слобода, слобода!“, додал тој.

Поранешниот нафтен магнат, сепак, признал дека речиси не спиел во својата прва ноќ по ослободувањето. Покрај тоа изјавил дека неговото заминување од Русија не било услов за неговото ослободување, но ја олеснило одлуката на претседателот Владимир Путин.

Ходорковски признава дека би можел да се врати во Русија, ако му биде дозволено. Тој повторно потврдил дека не се изјаснил за виновен. Запрашан да раскаже како дошло до помилувањето, тој рекол дека таква можност била спомената уште во времето на Дмитриј Медведев, но секогаш таквата можност одела „рака под рака“ со признавање на вината, што за Ходорковски не било опција.

На 12 ноември сепак адвокатите му рекле да напише молба и во неа да ја спомене здравствената состојба на мајка си. Немало друг услов, но тој го напишал во документот она што повеќепати веќе е спомнато, дека нема да се занимава со политика и нема да се бори за враќање на средствата на „Јукос“.

Поранешниот тајкун раскажа дека неговото барање за помилување всушност е составено од една реченица, сосема формален документ. Кон неа сепак го додал писмо до Путин, во кое ја опишува ситуацијата со мајка си. Потоа молбата била предадена на неговиот адвокат, а тој ја дал на поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс Дитрих Геншер.

„Како и на кого Геншер го предал документот не знам“, рекол Ходорковски.

Поранешниот тајкун рекол дека дознал за одлуката на Путин од радиото што ја пренесувало неговата пресконференција. Тогаш, на крајо , шефот на државата рече дека е подготвен да го помилува Ходорковски. Бил разбуден во два часот по полноќ од шефот на затворот во Република Карелија и однесен од логорот, без придружба и без лисици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.